Највисокиот сегмент на пазарот за смартфони никогаш не изгледал поконкурентно, благодарение на мноштвото извонредни модели со висок квалитет и карактеристики од неколку различни производители.
Највисокиот сегмент на пазарот за смартфони никогаш не изгледал поконкурентно, благодарение на мноштвото извонредни модели со висок квалитет и карактеристики од неколку различни производители. Samsung успешно продолжува да биде дел од највисокиот ешалон, со својата Galaxy серија и нејзината последна итерација - S7.
Samsung Galaxy S7 Edge
За многумина, токму Samsung S6 односно подобрениот S6 edge беше вистинската еволуција која се чекаше од иноватор како Samsung, но од компанијата успеваат да постават нови стандарди на квалитет и иновација со новата S7 Еdge серија. По најавите дека Samsung не планира да направи уште една „подобрена” верзија (како S6 Еdge +), ова е дефинитивниот модел за оваа година и вистински господар на високата класа.
Она што веднаш се забележува кај новиот Galaxy S7 Edge е речиси неизменетиот изглед од својот постар „брат” – Galaxy S6 Еdge+. Формата на телефонот е речиси идентична, со неколку минорни измени како помалата „грпка” на задната страна кај камерата и ситни козметички корекции кај екранот.
Вистински „фаблет“
Големината е подобрена и сега изнесува 5,5 инчи што го прави Samsung Galaxy S7 Еdge вистински „фаблет”. Сепак, ова не значи дека држењето в рака на овој телефон не претставува апсолутно задоволство – благодарение на напредните функции и „always on” модот за работа. Galaxy S7 Еdge е лесен за користење, дури и ако имате помали дланки.
Целото „тело” на Samsung Galaxy S7 Еdge е изработено од висококвалитетен материјал (постојат верзии достапни и со метален финиш) и е целосно отпорен на гребење и прашина од предната и задната страна, благодарение на Gorilla Glass 4. Новост е и заштитата од вода, која го води S7 Еdge едно ниво погоре од конкуренцијата.
Надворешниот изглед на Samsung S7 Еdge е комплетиран со екранот доминира на предниот дел од смартфонот и е веројатно најубавиот екран кој Samsung досега го имаат развиено за своите мобилни корисници. Заоблените страни се сега уште поголеми што овозможува поголема манипулација со пораките и содржините кои можат да се гледаат странично. Без оглед дали сте лаик за вакви, нови технолошки „излети”, потребен ви е само еден страничен поглед да заклучите дека се работи за нешто несекојдневно кое едноставно мора да го имате!
Огромната резолуција од 1440x2560 пиксели е вистински празник за очи за гледање филмови, читање или прелистување на вашите омилени веб содржини - ова е вистински екран од новата генерација. Причините за олкавата резолуција се сепак многу поинтересни од „обичната” корисничка потреба – имено, Samsung има големи планови за својата VR (виртуелна реалност) која е веќе достапна преку нивниот Gear VR сет. Иако е на сам зачеток, оваа неверојатна технологија бара што поголеми перформанси и изглед на сликата за да симулира што поквалитетна виртуелната реалност.
„Под хаубата“
Samsung Galaxy S7 edge продолжува да импресионира и „под хаубата”. Најновиот Exynos 8890 чипсет (Octa core процесор) во спрега со графички процесор Adreno 530 се спој направен за уживање при најновите мобилни игри, додека 4GB RAM меморија е доволна за „мазно“ клизење низ менијата и сурфање.
Складирањето податоци е уште еден сегмент кој Samsung S7 Еdge го носи на ново ниво, благодарение на „повратникот” во форма на слот за SD мемориска картичка (до 256 GB достапни за проширување). Инаку, основниот модел располага со 32 GB внатрешна меморија.
Кога веќе го споменавме складирањето, најлесен начин за полнење на внатрешната меморија е со новата 12 MP камера која се наоѓа на задната страна. Подобрени се речиси сите сегменти од претходниот модел, кој сега вклучува Phase Detection аутофокус, OIS, LED flash и можност да снима 4К видео при 30 фрејмови во секунда, како и стандардните HD при 60 фрејмови во секунда. Сликите со Samsung Galaxy S7 Еdge се меѓу најдобрите на пазарот, благодарение на одличниот сооднос на детали и острина и при недостаток од светлина при сликањето. Samsung продолжува да доминира во овој сегмент, иако бројот на пиксели на камерата не се зголемени драматично.
Инаку, Samsung Galaxy S7 доаѓа опремен со најновиот Android OS (6.0 Marshmallow), а од компанијата веќе најавија дека почнале да работат на надградбата за новата верзија на оперативниот систем. Корисничкото искуство при ракување со смартфонот е лесно и препознатливо, доколку сте имале контакт со кој било телефон од линијата на Galaxy последните неколку месеци. Samsung и понатаму ги сведува „дополнителните” апликации на минимум во основниот пакет, но дел од нив како видео и фото едитор се присутни и побогати од кога и да е.
Од останатите поважни карактеристики може да ги издвоиме и сензорот за отклучување со прст (кој е извонредно брз, помалку од 1 секунда за отклучување на смартфонот), сензорот за отчитување на срцев ритам, компас, барометар, итн.
Благодарение на новата технологија претставена со Samsung Galaxy S6 edge, и новиот смартфон ќе се полни екстремно брзо (нешто околу 30 минути за 100% батерија). Достапна е и опција за бежично полнење. Кога сме кај батеријата да го споменеме и одличниот работен век на истата, кој трае околу 23 часа под активно користење (со 4G LTE, активно користење на апликации, итн.)
Земено во глобала, новиот Samsung Galaxy S7 edge е вистинскиот хит во високата класа на смартфони со добра причина. Извонредната изработка, прекрасниот екран, мноштвото подобрувања во работните спецификации и функционалноста го прават еден од најдобрите смартфони достапни на пазарот.